
Фудбалерите на Ајнтрахт продолжуваат со победите во Европската лига, и во средбата од петтото коло на Групата Ха во Франкфурт го победија Олимпик Марсеј со 4:0, остварувајќи ја петтата победа.
Домашните поведоа уште во втората минута со голот на Лука Јович, а на 2:0 зголеми Луис Густаво во 17 минута со необјаснив автогол. Бразилецот ја враќаше топката кон својот голман, а пред тоа не погледна каде тој се наоѓа. Францускиот претставник ја затресе сопствената мрежа и во 62 минута, а автоголот го постигна Боуна Сар, а во 67 минута Јовиќ го постигна и вториот гол на мечот за конечните 4:0.
Во вториот дуел од оваа група Аполон го победи Лацио со 2:0. Кипарскиот претставник дојде во водство во 31 минута со фантастичните „ножички“ на Давид Фуапал, а победата на Аполон ја потвди Саша Марковиќ во 82 минута.
И пред ова коло Ајнтрахт и Лацио изборија пласман во следната фаза. На табелата води Ајнтрахт со 15 бодови, Лацио има 9, Аполон 4 а Марсеј еден бод.
Во Групата И последното коло ќе биде извонредно возбудливо, бидејќи сите четири екипи имаат шанси да минат натаму. Бешикташ се врати во игра победувајќи го на гостувањето Сарпсборг со 3:2, иако домашните водеа со 2:0 по само шест минути. Сепак, турскиот претставник во продолжението од средбата успеа да направи пресврт.
Норвешкиот тик фантастично го отвори мечот, во првата минута погоди Рашад Мухамед а во шестата Тобијас Хејнц, кој го совлада голманот Лорис Кариус со удар од повеќе од 30 метри. Мухамед можеше да постигне гол и во деветтата минута, но шутираше крај голот. Во 63 инута намали Џермејн Ленс со одличен погодок од над 20 метри. Само две минути подоцна Вагнер Лов израмни,а целосниот пресврт дојде во судиското продолжение со вториот гол на Ленс.
Во вториот дуел од групата Малме и Генк одиграа 2:2 по водството на гостите од 2:0 со головите на Алехандро Позуел во 42 и Жозеф Пентсил во 53 минута. Малме се врати со двата брзи гола, а стрелци беа Оскар Левицки во 65 и Маркус Антонсон во 67 минута.
На табелата води Генк со 8 бодови, Бешикташ има 7, Малме 6 а Сарпсборг има 5 бодови. Во последното коло играат Генк и Сарпсборг, и Бешикташ и Малме.
Во Групата Г Ренџерс и Вилјареал одиграа без голови, иако гостите целото второ полувреме имаа играч повеќе. Имено во судското продолжение на првото полувреме, Ренџер остана со играч помалку откако поради втор жолт картон беше исклучен Даниел Кандеиас.
Во претходно одиграниот меч во оваа група виенски Рапид во Москва го победи Спартак со2:1 и се врати во игра да ја мине групната фаза. Австријците пред ова коло беа последни, но со победата дојдоа во одлична позиција пред последното коло во кое на својот терен го пречекуваат Ренџерс.
Спартак поведе во 20 минута со голот на Зе Луис, а Рапид во продолжувањето направи пресврт со головите на Мер Мулдут во 80 минута по корнер, а победата ја донесе во првата минута од судиското продолжение Филип Шпнерзберг. Мечот накусо беше прекинат во 71 минута, откако еден домашен навивач втрча во теренот и се обиде да се пресмета со капитенот на Спартак, Денис Глушков. Меѓутоа, хулиганот со брза интервенција на редарите беше изнесен од теренот.
На табелата водат Виљареал и Рапид со по 7 бодови, Ренџерс има 6, а Спартак 5 бодови. Во последното коло ќе се играат дуелите Виљареал – Спартак и Рапид – Ренџерс.
Во Групата К киевски Динамо на гостувањето ја победи Астана со 1:0 и веќе избори пласман во 16-финалето од Европската лига. Астана беше подобра и имаше повеќе одлични шанси, но бодовите ги освоија гостите кои практично погодија од единствената шанса, а стрелец беше во 29 минута Бенјамин Вербич.
Во вториот меч Ренс го победи Јаблонец со 1:0, со голот на Клемент Грение во 55 минута.
На табелата води Динамо со 11 бодови, Астана има 8, Рен 6 а Јаблонец два бода. Во последното коло Ренс дома против Астана ќе се обиде да избори пласман натаму.
Во Групата Ц Челзи го победи ПАОК со 4:0 и по пет кола има пет победи. Оливие Жиру во 27 и 37 минута постигна два убави гола, на 3:0 зголеми Калум Хадсон-Оди, а за конечниот резултат се погрижи Алваро Мората во 79 минута. Гостите од седмата минута играа со играч помалку без исклучениот Јехван Качериди.
Во другиот меч БАТЕ Борисов го победи МОЛ Види со 2:0, со головите на Николај Сигневич во 22 и Мирко Иванич во 85 минута.
Води Челзи со 15 бодови, БАТЕ и МОЛ имаат по 6 бодови, а ПАОК три бода.