
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш почина вчера на 94 годишна возраст.
Буш беше претседател на САД на крајот на Студената војна и ја порази ирачката војска и режимот на Садам Хусеин. Беше 41-ви претседател на САД. Буш почина вчера во 22.10 часот по локално време во Хјустон . Во април годинава беше примен во болница поради сепса, но подоцна се опорави и беше на домашно лекување.
Џеб, Нил, Марвин, Доро и јас сме тажни што мораме да објавиме дека по 94 исклучителни години почина нашиот драг татко, напиша неговиот син, претседателот Џорџ Буш помладиот, кој беше 43-ти претседател на САД.
На почетокот на мандатот на Буш постариот од 1989 до 1993 дојде до падот на Берлинскиот ѕид и распад на СССР, а во тој период ја водеше и акцијата Пустинска бура во Персискиот залив, во која го порази режимот на Садам Хусеин.
Беше член на Републиканската партија, а пред да стане претседател беше во два мандата потпретседател на САД, за време на претседателот Роналд Реган од 1981 до 1989 .
Буш во својата кариера беше и амбасадор на САД во Обединетите нации, како и директор на разузнувачката агенција ЦИА.