
На египетската актерка Ранија Јусеф и се закануваат 5 години затвор, поради фустан кој премногу „откривал“, пишува Би-Би-Си. Јусеф спорниот фустан го носела на филмскиот фестивал во Каиро.
По бурата на социјалните мрежи и обвинението за ширење разврат, 44-годишната глумица се извини и дополни дека доколку била свесна за коментарите кои ги покренала со нејзиниот изглед, воопшто немала да го облече фустанот.
Против неа тужби покренале двајца адвокати – Амро Абделсалам и Самир Сабри, познати по фактот што често испраќаат египетски ѕвезди во затвор. Според еден од нив, како што пренесува британскиот медиум, „Јусеф ги поткопува општествените традиции, вредности и морал и притоа го има нарушено и угледот на филмскиот фестивал“.
Инаку, неодамна пејачката Шајма Ахмед, беше осудена на две години затвор, поради јадење банана во еден од нејзините видео спотови, на начин кој за судот бил неприфатлив. Казната подоцна и беше намалена на една година.