Лејкерси убедливи на домашен терен, Леброн се врати во ритам

Леброн Џејмс и неговите соиграчи од Лос Анџелес, на домашен терен, им одржаа лекција по кошарка на гостите од Феникс. Езерџиите, во „Стејплс Центар“, беа убедливи со 120-96.

Играчите на Феникс Санс единствено покажаа добра игра во првата четвртина, кога успеаја да поведат со 31-21, но оттука на паркетот како да постоеше само еден тим. Уште во наредната четвртина „езерџиите“ го наполнија противничкиот кош со 40 поени, а потоа во текот на дуелот разликата само се зголемуваше.

Најуспешен во редовите на Лејкерси беше Кајл Кузма, со 23 погодоци, следен од „кралот“ Џејмс, со еден поен помалку.

За Феникс, тим кој е последен на табелата во Западната конференција, со 4 победи и 19 порази, најкорисен играч беше Ричан Холмс, кој забележа 15 коша. Со по 13 поени се запишаа Џош Џексон и Тревор Ариза.

Од останатите натпревари:

Сан Антонио – Портланд 131:118

Далас – Клиперс 114:110

Шарлот – Њу Орлеанс 109:119

Мајами – Јута 102:100

Филаделфија – Мемфис 103:95