Трамп поканет да присуствува, но не и да говори на погребот на Буш постариот

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на погребот на еден од своите претходници, претседателот Џорџ Х.В. Буш постариот, но нема да одржи говор, што е првпат по половина век актуелен претседател да говори на погреб на негов претходни, откако во 1973 година Ричард Никсон не се обрати на погребот на Линдон Џонсон.

Во американските медиуми се коментира дека изостанувањето на Трамп од листата на говорници, очигледно покажува „колкави се културолошките и личните разлики“ меѓу актуелниот претседател и семејството Буш. Меѓутоа, спротивно од желбата на семејството на републиканскиот јастреб Џон Меккејн, кое на Трамп не му дозволи воопшто да присуствува на погребот на покојниот сенатор и наводен американски воен херој од Виетнам, Буш и неговото семејство не сакаа да испратат драстична порака во американската јавност, иако Трамп својот политички бренд го изгради делумно и на потсмевањето на Бушови и на сето она што ова семејство го претставува. Така, додека САД го слави животот на Буш постариот и „понежното и пољубезно“ политичко време коешто тој го симболизира за Американците, актуелниот претседател кој на власт дојде потсмевајќи му се на ваквиот стил и сцената не ја препушта на другите, ќе мора да ги слуша пофалбите на својот претходник седејќи меѓу гостите.

Погребите на поранешните претседатели се планираат со години однапред до најситните детали. Буш, кој силно беше предаден и веруваше во дигнитетот на претседателската функција, се согласи да ја зачува оваа традиција, и не го изостави претседателот на должност од листата на поканетите. Трамп беше во судир со семејството Буш откако го победи поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, вториот син на 41-от американски претседател, во трката за претседателската номинација на Репулбиканската партија за изборите во 2016 година. Тогаш Трамп го нарече Џеб „слабак без енергија“, а неговиот постар брат Џорџ В. Буш помладиот, 43-от американски претседател, го обвини за „најлошата одлука во историјата“ во врска со инвазијата врз Ирак. Северноамериканскиот договор за слободна трговија (NAFTA), кој го испреговара своевремено Буш постариот, Трамп го оцени како „глупав… катастрофален… најлош во историјата“.

На некои изјави на Буш постариот, Трамп уште само до неодмана се потсмеваше, на собирите во пресрет на изборите за Конгресот. Но кога стаса веста дека Буш починал, Трамп му одаде почест и потоа не проговори повеќе на оваа тема. Аналитичарите сметаат дека на погребот Трамп ќе се однесува пристојно и децентно, бидејќи е „благодарен за тоа што воопшто е поканет“. Поранешниот политички советник Мајкл Капуто вели дека семејството Буш има многу повеќе причини да го презира Трамп откоколку семејството Меккејн. „Но целото семејство одлучи тоа да го стави настрана, бидејќи едноставно тие се такви луѓе. Тоа ќе има големо влијание врз Трамп“, додава Капуто.

Во меѓувреме ковчегот со телото на поранешниот претседател Буш постариот е изложено во ротондата на Капитол Хил, каде што јавноста може да му одаде почест до средата утрото, кога ќе биде пренесен во националната катедрала во Вашингтон на церемонијата на испраќање што ја организира државата. Погребот ќе биде извршен во четврток во сојузната држава Тексас.