
Јапонската влада одлучи да им забрани на кинеските технолошки компании Хуавеи и ЗТЕ да склучуваат договори со државата и да учествуваат во јавни набавки на територијата на Јапонија од април следната година, соопшти денеска агенција „Кјодо”.
Мерката е усвоена по седница посветена на сајбер безбедноста. За нас е исклучително важно да не купуваме опрема која има малициозни функции, вклучувајќи кражба на информации и уништување, посочи во Токио владиниот портпарол Јошихиде Суга.
Овој потег се должи на загриженоста за нарушувања на безбедноста, кои ги принудија САД и други земји да забранат двете кинески компании да ги снабдуваат со опрема. Според американските официјални претставници, уредите на овие компании можат да бидат програмирани за следење на корисниците. Хуавеи постојано ги негираше обвиненијата.
Финансиската директорка на Хуавеи Менг Ванчжоу беше приведена во Канада, по барање за екстрадиција од САД, во врска со обвиненијата за кршење на американските трговски санкции против Иран.