
Изборот на Младен Чадиковски за прв човек на ЗНМ, падна во сенка на сомнежот за нерегуларности. Прв кој уште синоќа посочи на спорни моменти од исходот е новинарот Горан Трпеноски, кој како член на Верификационата комисија ги сподели бројките од гласањето. Од вкупно 555 членови на ЗНМ, присутни биле 175. Гласале 169, од кои 86 гласови за Младен Чадиковски и 77 за Столе Наумов. Останатите 6 се неважечки ливчиња, пренесува АлсатМ.
Трпеновски се повикува на Статутот на ЗНМ и Правилникот за изборно собрание. Во член 34 од Статутот е наведено дека “претседателот на ЗНМ се избира со мнозинство гласови од присутните на изборното собрание“. Математички, тоа значи дека на Чадиковски му биле потребни 88, наместо 86 гласа за победа. Во Правилникот за работа на Собранието стои дека ако еден кандидат го нема потребното мнозинство, треба да се оди на втор круг гласање.
Трпеноски бара одговори од ЗНМ – здружениеот да се изјасни дали изборот е завршена приказна или треба да има втор круг.
Дали се смета како што е во Статутот мнозинството присутни или од тие што гласале? Ако е од тие што гласале, се е добро, реагира Трпеновски.
Во Статутот тоа го пишува, но не треба сите ние да коментираме, ни јас, ни другите. Треба ЗНМ или правници да толкуваат што значи ова. Ако кажат дека е океј, честитки, одговата Трпеновски.
Еден од тројцата членови на изборната комисија беше и екс-претседателката на Синдикатот, Тамара Чаусидис. Таа смета дека изборот на Чадиковски е спроведен транспарентно и е легитимен, иако е со тесна победа, не сакајќи да навлекува во документите за работа на ЗНМ.
Како член на комисијата, воопшто немам дилеми дека изборот на претседател на ЗНМ е легитимен. Не сум правник да толкувам Правилници, ама како новинар логично знам дека 86 е повеќе од 77. 169 поделено на два е 84.5. така што изборот на Младен Чадиковски е легитимен, вели Чаусидис.
Ден по изборите, ги побаравме и двајцата кандидати. Чадиковски беше недостапен на неговиот телефон. Став добивме Столе Наумов, кој вели дека ЗНМ е поглемо од сите и дека нема да биде повод за поделба.
Сакам да верувам во колегите. Има комисии, не се ова парламентарни избори па да бараме асистенција од МВР. Не можам да ја разберам нивната очајна зависност од здружението. Ако нешто правеле нека им служи на чест, вели новинарот Столе Наумов.
Се огласи и Насер Селмани. Неговото објаснување е дека од моментот кога се утврдил кворумот до гласањето поминале 2 часа, во кои 6 делегати си заминале и останале присутни 169, од кои Чадиковски добил мнозинство од гласовите. Вели дека победата на Чадиковски е чиста како солза, а хајката против ЗНМ е водена од уредници на национални телевизии.
Претходно, негодување во однос на одржувањето на изборите искажаа и други новинари кои се пожалија дека не им било дозволено обновување на членството во здружението, со што им било ускратено правото на глас.