Судири на полицијата и демонстрантите против Пактот за миграции во Брисел

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои се собраа денеска околу седиштето на Европската Унија во Брисел да протестираат поради усвојувањето на Пактот за миграции на Обединетите нации.

Околу 5.000 лица се собраа на протестот, кој првично беше забранет од локалните власти поради страв од насилство. Високиот белгиски суд ја поништи забраната наведувајќи го правото на мирни протести. Полицијата во Брисел соопшти дека некои од демонстрантите станале насилни кога од нив било побарано да се разијдат.

Белгиската влада претрпе реконструкција минаната недела бидејќи најголемата коалициона партија се спротивстави на одлуката на премиерот Шарл Мишел да го потпише Пактот за миграции, необврзувачки договор на ОН, чија цел е да се обезбеди организирана меѓународна миграција.

Протестот го организираше група на екстремно десничарски организации. Тој започна мирно, но потоа демонстрантите почнаа да ја гаѓаат полицијата со најразлични предмети и да ја уништуваат фасадата на Европската Унија, на што полицијата возвратила со солзавец и со водени топови.