
Илјадници домови без струја, одложувања на летови, затворени училишта и блокирани патишта – ова се дел од последиците од обилните снежни врнежи во Романија во последните неколку дена, објавија локалните медиуми.
Четири авиони од аеродромот во Сибиу, во централниот дел на земјата, полетаа денеска со одложувања меѓу 40 и 70 минути. Снежната покривка во Сибиу е 20 сантиметри, а снегот се уште паѓа.
Голем број возови беа блокирани од паднатите дрва на шините во североисточна Романија.
Градот Лугој во западниот дел на земјата вчера остана без вода и електрична енергија, а ова утро водоснабдувањето е делумно обновено.
Во округот Тимиш (Западна Романија), 57 села се целосно или делумно без електрична енергија, каде сите училишта се затворени денес и утре Засегнати од хаваријата се 45 000 лица. Во соседната област Арад, 12.000 лица се без струја, во вкупно 32 населени места.
Речиси 5.000 домаќинства во Вранчеа исто така се без струја поради проблемите на системот предизвикани од силниот ветер.
Утрово, сé уште затворени за сообраќај се патишта во повеќе области во Западна и Централна Романија.
Црноморското пристаниште Мангалија е затворено поради силен ветер.