
Германскиот новинар Клаас Релотиус врати четири новинарски награди откако весникот Der Spiegel откри дека ги фабрикувал фактите во низа написи, објави во четвртокот германското здружение на новинарите коешто му ги додели наградите.
Американската телевизија CNN, исто така, на Клаас Релотиус му одзема две награди коишто го доби за својата работа за швајцарскиот магазин Reportagen, беше објавено претходно во четвртокот.
Во средата Der Spiegel објави дека го раскинал договорот за соработка со споменатиот наградуван новинар, откако откриле дека тој ги фабрикувал и измислил фактите во многу свои написи последните години. Списанието објави и дека 33-годишниот новинар признал дека ги измислил, фрабрикувал или „дотерувал“ цитатите во најмалку 14 текстови. „Ова е можеби најлошата новинарска криза во Der Spiegel“, објавија од уредништвото на списанието.
Комисија сега ја проучува неговата работа, и други медиуми кои објавувале негови текстови, исто така, би можеле да бидат погодени.
Трите награди на здружението Reporter Forum кој ги вратил биле за написи објавени во Der Spiegel, вклучително и сторија за неправедно затворено лице во американскиот затвор Гвантанамо, која содржела некои информации за кои новинарот признал дека се измислени. Четвртата е за напис во швајцарски Reportagen. Наградите му биле доделени во 2013, 2015, 2016 и 2018 година. Од Reporter Forum објавија дека Релотиус ги контактирал преку СМС-порака и се извинил.
Релотиус работел и како слободен новинар за агенцијата DPA за којашто напишал три долги репортажи од Израел во 2010 година. Агенцијата во моментов ги проверува овие материјали.