Борбата започна и нема запирање додека не ги поразиме

Борбата започна и нема запирање додека не ги поразиме, првата победа ќе бидат претседателските избори следната пролет, истакна на денешниот протестен марш, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и порача дека допрва доаѓа времето на вредните и честити Македонци.

„Целта е една и единствена, да им порачаме на оние во Владата „МАКЕДОНИЈА“. загрижени сме за иднината на нашата татковина и иднината на нашите семејства. Ќе останеме овде се додека не ги видиме натрапниците како ја напуштаат зградата на Владата. Кога влегуваа внатре се колнеа во жицата, во дедовината, во татковината, се колнеа дури и во најмилото дека нема да чепкаат онаму каде најмногу боли. Не само што чепнаа, туку и толку длабоко навлегоа што ќе ни требаат години да го залечиме“, рече Мицкоски,

Истакна дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ е насекаде низ Македонија, на улиците.

„Борбата штотуку започна и нема запирање додека не ги поразиме. Првата победа ќе биде на претседателските избори. Во април доаѓа големата победа, која ќе најави предвремени парламентарни избори кога народот ќе дојде и ќе им каже „излажавте еднаш, ви помина, два пати не измамивте, но третиот пат дојдовме по своето, а секој еден од вас ќе ја добие заслужената казна“. Народот на следните избори ќе ви покаже дали наместените анкети се вистинската слика во Македонија. И покрај тоа што ги местите анкетите, пак ве водиме“, рече Мицкоски.

Нашата борба штотуку почна, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека актуелната власт, за она што досега го направила ќе заврши на буништето на историјата. Мицкоски порача притоа дека опозицијата ја добива поддршка од граѓаните.

„Да ја заборавиме книгата на едно време, да отвориме нова книга, книга која што ќе нѐ води кон просперите. Немаме резервна таткови…Ниту еден процес не е еднонасочен, нашето време доаѓа. Времето на вредните и честити Македонци допрва доаѓа“, рече Мицкоски.

Опозицискиот челник пред мноштвото поддржувачи кои извикуваа „Оставка“ алудирајќи на барањата на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека неговата партија нема да се повлече од протестите за кои рече дека стануваат се’ помасовни најавувајќи го саботниот протестен марш во Прилеп.

Обвини, исто така, дека јавниот долг на државата е 40 отсто од бруто домашниот производ (БДП).