
Американскиот претседател Доналд Трамп разговарал во неделата со турскиот колега по должност Реџеп Тајип Ердоган за координацијата на повлекувањето на американските сили од Сирија, додека траат реакциите на неговата одлука во Вашингтон и меѓу сојузниците на САД.
Во телефонскиот разговор, како што откри американскиот претседател Доналд Трамп со турскиот челник Реџеп Тајип Ердоган разговара за „бавното и многу координирано повлекување на американските војници од областа“.
„Штотуку има долг и продуктивен разговор со турскиот претседател Тајип Ердоган. Разговаравме за Исламската држава, нашето учество во Сирија, како и за бавното и добро координирано повлекување на американските војници. Пи долгите години се враќаме дома“, напиша Трамп на Twitter.
„Ние, исто така, дискутиравме за големото проширување на трговијата“, додава американскиот претседател.
Турската новинска агенција Anadolu пренесува дека двајцата челници разговарале за одржување на воената и дипломатска координација, за да се избегне трета страна да го искористи американското повлекување.
Трамп во средата објави целосно повлекување на американските единици од Сирија, со објаснување дека е постигната главната цел – уништувањето на Исламската држава. Трамп претходно во кампањата ги критикуваше неговиот претходник Барак Обама и неговата противкандидатка на претседателските избори 2016-та, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, и двајцата демократи, дека придонеле за формирањето на споменатата џихадистичка групација којашто од 2014 година држеше големи територии од Сирија и од Ирак.
Одлуката на Трамп ја критикуваа и некои републиканци, додека некои американски сојузници се загрижени. Но Турција, сепак, изрази задоволство по годините несогласувања со двете администрации во Вашингтон околу Сирија, поради тоа што САД ги вооружуваа и обучуваа силите на сириските Курдски кои заземаа голема територија по должината на турската граница, а Анкара ги смета за сириско крило на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), која повеќе од три децении води вооружен бунт против турската држава.
Американскиот претседател ги игнорираше советите на своите безбедносни и одбранбени соработници и неочекувано, иако тоа го најавуваше и во текот на предизборната кампања, во средата одлучи да повлече од Сирија две илјади војници. Откако беше најавено од страна на Трамп, ден потоа својата оставка ја потврди министерот за одбрана Џим Матис, кој го критикуваше претседателот во објавеното писмо со оставката за односот кон сојузниците. Ден потоа своето заминување го објави и Брет Мекгарк, специјалниот пратеник во меѓународната коалиција во борбата против Исламската држава именуван од претходниот претседател Барак Обама. Како причина ја наведе „шокираноста меѓу странските партнери.“
Американските пратеници изразија загриженост околу судбината на американските сојузници кои ќе останат во Сирија, особено курдските борци кои војуваа против Исламската држава под водство на Вашингтон. Се стравува и од вакуумот кој може да се случи по заминувањето на САД.
Турција, пак, отворено најави напади врз курдските сили во Сирија кои беа придружувани на теренот од американски единици, а Ердоган им се закануваше на американските војници во областа кои има даваа поддршка на локалните бунтовници, што изминатите години доведе до тензии меѓу Анкара и Вашингтон, и од друга соработка на Турција во Сирија со Русија и Иран.
Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата истакна дека „многу длабоко жали за одлуката за Сирија“ и додаде дека „на сојузниците би требало да може да се потпре“. Американските сојузници ширум светот беа изненадени и од заминувањето на министерот за одбрана Џим Матис, бидејќи го сметаа за доследен поборник за НАТО и другите сојузи преку кои тие се воено присутни во разни региони во светот.
До изјавата на Трамп, некои американски функционери најавуваа планови за долготрајно останување во Сирија, како причина наведувајќи ги енклавите со преостанати сили на Исламската држава и спротиствавување на военото присуство на Русија и Иран. Руското министерство за одбрана претходно годинава обвини дека џихадистички борци биле обучувани во кампови на американските единици на сириска територија, оспособувајќи ги за подоцнежна дестабилизација на земјата разорена од војната која започна во март 2011 година.