Бугарија преплавена со фалсификувани пари за новогодишниот шопинг

За време на предновогодишниот шопинг постои голем ризик во паричникот да се пронајдат фалсификувани банкноти, предупредува Бугарската народна банка, од каде додаваат дека најмногу се фалсификува банкнотата од 20 лева.

Централната банка започна со замена на левовите со нови, побезбедни серии, започнувајќи од престолнината Софија. За првите 9 месеци од годината се откриени седум лажни банкноти од 100 лева. Во над 70% од случаите – фалсификуваните банкноти се од 20 лева – над 400 банкноти. Касерите во менувачниците велат дека во декември и за време на летните месеци, ризикот од фалсификувани пари е најголем. Тие додаваат дека луѓето ретко препознаваат која банкнота е фалсификат.

Во Бугарија само пред два месеца беше разбиена најголемата печатница за лажни банкноти во изминатата деценија – во Сончев Брег.

Во наредните три години, БНБ најави дека ќе ги замени сите банкноти со нови. Од банкарскиот сектор предупредуваат дека и покрај тешкотиите, дури и монетите се лажни. БНБ советува внимателно да се разгледаат монетите и банкнотите, споредувајќи ги една со друга, а доколку и така не се дознае дали станува збор за фалсификат, веднаш парите да се проверат во најблиската банка или менувачница.