
Се почесто глутници од кучиња-скитници, освен во градските подрачја, се забележуваат и по главните автопати во земјава и предизвикуваат опасност по учесниците во сообраќајот, реагираат граѓаните на социјалните мрежи.
Во еден од последните случаи, во близина на наплатната станица кај Тетово, возачите едвај спасиле жива глава откако неколку кучиња им го попречиле патот, но за среќа човечки жртви нема. Настрадало кучето, а нанесена е и значителна материјална штета. Очевидците тврдат дека ваквите настани се честа слика по автопатите, а особено во тетовско, каде на кратко растојание се забележуваат траги од крв од прегазени животни – инциденти кои засега не биле кобни по патниците, но претставуваат закана по безбедноста во сообраќајот.
Дечкото што возеше паралелно до мене удри во огромно куче и ја распарчи цела предница, а животното остана на лице место безживотно да лежи со испокршени коски, а парчиња од колата влетаа во моето возило за среќа без штета, пишува на својот фејсбук профил сведок на немилиот настан.
Граѓаните се револтирани и прашуваат каде одат парите од патарините, земајќи предвид дека иако средствата би требало да се наменети за одржување на патната инфраструктура, крај автопатите не е поставена ниту заштитна ограда или банкини, кои би можеле да ги превенираат ваквите незгоди. Возачите апелираат надлежните власти да изнајдат решение за овој проблем, за, како што велат, да не биде предоцна.