Демократите најавуваат горчливи денови во политичкиот живот на Трамп

Од денес американските Демократи имаат мнозинство во Претставничкиот дом и очигледно ќе направат се за да му го комплицираат претседателскиот мандат на Доналд Трамп во наредните две години.

Демократите имаат намера да отворат истраги за „руската афера”, се закануваат со процедура за „импичмент”, најавуваат откритија за даночните измами на Трамп, а ќе се занимаваат и со имиграцијата, здравството или климата, теми за кои со Трамп се на сосема поинаква бранова должина.

Во новата парламентарна постава на Демократите има најмногу жени во историјата на САД и најголем број припадници на малцинства.

Но, првата задача на Демократите и на Трамп, е да се најде решение за „shutdown” кој ја парализира американската администрација од 22 декември 2018 година. Демократите веќе го исправија пред Трамп првиот предизвик а тоа се привремени буџетски мерки што ќе дозволат деблокирање на админстрацијата. Тие сакаат да се покажат како разумни наспроти каприците на Трамп. Но проблем е тоа што овие мерки не ги содржат петте милијарди долари што Трамп ги бара за градење на ѕидот на границата со Мексико, причината за блокадата на администрацијата.

Се разбира, Трамп најавува дека нема намера да ги прифати овие мерки па така минимални се шансите овој предлог на Демократите да помине. Аналитичарите се надеваат дека преговорите со Трамп ќе доведат до поширок компромис кој ќе им дозволи на двете страни да излезат како победници. На пример, Трамп би добил пари за ѕидот а за возврат тој треба да им овозможи статут на странците кои се без документи а во САД стасале кога биле деца. Овие лица во САД се наречени „Dreamers” (Сонувачи).

Со нивната контрола на Претставничкиот дом, Демократите седнуваат на чело на повеќе комисии со големи надлежности како отворање на парламентарни истраги во кои можат да канат сведоци и да бараат документи како докази. Соочен со истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мулер, Трамп би можел да се најде во уште покомплицирана ситуација околу сомнежите дека Москва замешала прсти во последните претседателски избори.

Новите американски пратеници од демократскиот блок ќе ги отворат и досијата за здравствената политика а на повидок се и тензии околу климатските промени и политиката на Трамп во оваа област. Демократите веќе најавија посебна комисија што ќе се занимава во климатската криза.

Можно е исто така Демократите да тргнат во процедура за недоверба на претседателот или импичмент. Ненси Пелози, шефицата на Демократите во Претставничкиот дом, засега ја отфрла оваа идеја и вели дека сака да го почека резултатот на истрагите за Трамп. Но, новите млади и прогресивни пратеници би можеле да вршат притисок врз неа за отворање на оваа процедура. Сепак, овој обид не би можел да помине со оглед на тоа што Демократите не се мнозинство во Сенатот кој го има последниот збор, со двотретинско мнозинство, за смена на претседателот.