
Кинеското население ќе го достигне врвот од 1,442 милијарди во 2029 година, а потоа ќе започне долг период на „незапирлив“ пад на населението, тврдат владините научници во извештајот од истражувањето објавено во петок.
Најнаселената земја на светот ќе мора да изгради политика со којашто ќе се обиде да го реши недостигот од работна сила и рапидното стареење на населнието, покажуваат резултатите од последното издание на Зелената книга за населението и трудот, која ја објави кинеската Академија на општествените науки (CASS).
Порастот на работоспособното население сега е во стагнација, се наведува во извештајот, а зголемувањето на бројот на повозрасното население ќе има далекусежни влијанија врз општествениот и економскиот развој на земјата, особено доколку стапката на раѓање остане ниска.
„Од теоретски аспект, долготрајниот пад на популацијата, особено кога го следи постојаното стареење на нацијата, поврзано е со неповолните општествени и економски последици“, предупредуваат кинеските научници.
Според извештајот, се очекува дека бројот на насалението во Кина ќе падне на 1,3 милијарди до средината на векот, што би можело да значи пад во работната сила за 200 милиони луѓе.
Кина во 2016 година одлучи да ја ублажи контроверзната „политика на едно дете“ која имаше цел да го ограничи порастот на популацијата и да им се дозволи сите двојки да имаат две деца. Стопката на раѓањето во земјата уште е во пад од 3,5 отсто во однос на 2017 година, а се предвидува дека била во пад и во минатата 2018 година.