
На средбата на делегациите на САД и Русија не беше решен спорот, предизвикан од обвиненијата на Вашингтон дека Москва го прекршува Договорот за неупотребување на ракетите со среден дострел, пренесоа агенциите, цитирајќи го американскиот заменик-државен секретар Андреа Томпсон, која е одговорна за контролата на вооружувањето и меѓународната безбедност.
Се подготвува почвата за повлекување на САД од договорот, кој датира од периодот на Студената војна.
САД најверојатно ќе започнат шестмесечна постапка за повлекување од договорот на 2 февруари оваа година, изјави денеска Томпсон, информирајќи ги сојузниците од НАТО.
„Вчера не успеавме да постигнеме напредок со Русија”, истакна таа, алудирајќи на средбата во Женева со претставници на руското Министерство за надворешни работи. „Не гледаме знаци дека Русија ќе одлучи да го почитува договорот”, додаде Томпсон.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека САД не ги има разгледано доволно предлозите на Москва за спас на договорот и спречување на нова трка во вооружување во Европа.
Договорот за неупотребување на ракетите со среден дострел беше склучен од СССР и САД во 1987 година. Неупотребата на ракетите со среден дострел од страна на двете најголеми нуклеарни сили ја намали можноста при нуклеарен удар противникот да биде предупреден, забележуваат агенциите.