Над 120 војници убиени во талибански напад врз база во Авганистан

Повеќе од 120 припадници на авганистанските безбедносни сили се убиени во нападот на милитантите на радикалното исламистичко движење Талибан врз воена база во централната покраина Вардак, јавува агенцијата Reuters повикувајќи се на портпаролот на министерството за одбрана.

Претходно во понеделникот беше објавено дека е во тек талибански напад врз базата на авганистанските специјални сили во градот Мајданшахр, кој започнал со голема ескплозија.

„Имаме информации за тоа дека 126 лица загинале во експлозијата во воениот центар за обука“, го цитира агенцијата портпаролот. Се додава и дека талибанското движење веќе ја преземало одговорноста за масивниот смртоносен напад, со порака до медиумите од портпаролот на движењето, Забиула Муџахид.

Официјален претставник на провинцијата Мајдан Вардак, исто така, потврдил за агенцијата AFP дека бројот на жртвите надминува сто, додека портпаролот на владата во Кабул одбил да коментира. Владините извори претходно потврдиле за 12 жени и за уште 30 ранети.

Авганистанските власти во покраината соопштија дека во понеделникот милитантите активирале автомобил бомба, како и дека две вооружени лица кои се обиделе по експлозијата да влезат во воениот комплекс биле убиени.

„Уште еден автомобил, полн со експлозив, исто така беше откриен и неутрализиран“, рекол портпаролот на покраинскиот гувернер, Мохебула Шарифзаи.

Голем број од повредените се во критична состојба и се префрелни во главниот град Кабул, според Салем Асгеркаил, шеф на одделот за јавно здравје во покраината Вардак.

Нападот следи по оној врз конвој на авганистанските безбедносни сили во неделата, во источната покраина Логар, кога талибанските милитанти убиле најмалку осум припадници на војската.

Талибаните ги засилија нападите врз безбедносните сили последниве месеци, иако од неодмна водат преговори со претставници на САД за изнаоѓање решение за 17-годишната војна во Аванистан.

Петгодишната власт на талибаните кога имаа контрола над најмалку три четвртини од територијата на Авганистан заврши со меѓународната инвазија предводена од САД во 2001 година, но милитантната мрежа и натаму покажува жилавост и врши смртоносни напади врз владините сили и странските војници.