Меркел порача дека Франција и Германија сакаат европска војска

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави во вторникот дека Германија и Франција сакаат да се основа европска војска, и покрај острото противење на ваквата идеја од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Новиот договор за германско-француската соработка потпишан претходно во вторникот во историскиот германски град Ахен, близу франциската граница, кој предвидува приближување на двете земји во секторот на одбраната претставува „придонес кон создавањето европска војска“, објави германската канцеларка Ангела Меркел. Таа, во прв ред, го спомена развојот на „заедничката воена култура и заеднизчказ воена индустрија“, што исто така се наоѓа во новиот договор со кој е продлабочен Елисејскиот договор од 1963 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка минатата есен изразија желба за создавање европска војска, што предизвика остри критики од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој ова го оцени како „многу навредлив“ проект и ги нападна изјавите на Макрон според кого задачата на таа војска е да ја брани Европа од земји како Русија, Кина но и САД.

Новиот француско-германски договор има и клаузула за билатерната солидарност меѓу двете земји во случај на агресија, слично на членот пет кој ги обврзува и земјите од НАТО. Во текстот се наведува дека се помага „со сите средства коишто стојат на располагање, вклучително и воените, во случај на агресија врз територијата. Истото се однесува и на терористичките напади. Потпишаниот документ предвидува двете земји да ги подигнат односите „на ново ниво и да се подготват за предизвиците со коишто двете земји и Европа се соочуваат во XXI век“.

Францускиот челник Макрон ги осуди „лагите кои се шират“ околу овој договор со Германија. „Тие кои ги забораваат вредностите на француско-германското помирување, стануваат соочесници во злосторствата од минатото“, смета Макрон. „Во Европа на којашто ѝ се закануваат национализми и којашто ја тресе брегзитот“, Германија и Франција треба да ја преземат одговорноста и да го покажат патот, амбицијата и да ги заштитат своите народи, рече. „Ги сакаме своите земји, ја сакаме Европа, бидејќи знаеме дека тоа е неразделно“, додаде Макрон.

Француската крајна десница, на пример, во врска со овој договор тврди дека текстот предвидува дека германскиот ќе стане „административен јазик“ во француските региони Алзас и Лорен. Последните денови Макрон е силно критикуван во Франција, особено од страна на претседателката на десната партина Национален собир, Марин Лепен, и претседателот на партија Стани Франција, на Николас Дупон-Ењан, кои тврдат дека договорот кој се склучува со Германија предвидува значителен дел од францускиот суверенитет да се предаде во рацете на германскиот сосед. И во Аген на маргините од церемонијата на потпишувањето на договорот протестираа повеќе стотици лица.