
Ракометарите на Данска ја освоија својата прва титула светски шампиони совладувајќи ја во неделата селекцијата на Норвешјка во Хернинг со 31:22 (18:11).
Данците титулата ја обезбедија уште во првото полувреме, кога дојдоа до недостижните седум голови разлика (18:11) понесени од 18-те илјади домашни навивачи и на седумте одбрани на голманот Никлас Ландин. Во второто полувреме предноста на домашните ракометари растеше, а Норвежаните едноставно се распаднаа. Данска ја водеа Микел Хансен со седум и Мортен Олсен со пет голови, додека кај Норвешка предничеше Магнус Јондал со осум голови, но втор стрелец беше Сандер Сагосен со само три погодока.
Данска досега трипати губеше во финалните дуели на светските првенства, во 1967, 2011 и 2013 година, а тутулата во 2019-та ја освоија со сите десет победи. Норвежаните, пак, со среброто го повторија пласманот од минатиот мундијал кога исто така беа поразени од домаќините – Франција.
Франција го освои третото место откако претходно во истата сала ја победи Германија со 26:25 (9:13), со голот на Никола Карабатиќ во последната секунда. Интересно е што и во нивниот прв меч на турнирот во групната фаза постигнаа гол во последната секунда, но тогаш со реми.
Французите на ова првенство дојдоа како двојни бранители на титулата, од 2015 и до 2017 година, и сопственции на четири злата на последните пет светски првенства. Ова е нивната 11-та медала на светските првенства, четврта бронза, со едно сребро и дури шест злата.
Германија, пак, последната медала на светско првенство ја освои во 2007 година, кога како домаќин дојде до златниот медал.
Златни медали на Светските првенства имаат освојувано уште: по четири пати Романија и Шведска, по двапати Германија, Русија и Шпанија, а по еднаш Данска, Хрватска и поранешните држави СФР Југославија, СССР, ЧССР и Западна Германија.