
Со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе бидат набавени 35 нови автобуси на компресиран природен гас (КПГ) за Скопје како одговор на растечката побарувачка за почист и поодржлив јавен превоз. Новите автобуси ќе ги намалат емисиите на јаглероден диоксид најмалку 15 отсто.
Заемот во износ од 10 милиони евра ќе го подобри и модернизира работењето на автобусите, ќе го зајакне јавниот транспорт и ќе го подобри квалитетот на воздухот. Покрај набавката на КПГ-автобусите, кои ќе ги заменат постојните што работат на дизел-гориво, проектот ќе помогне во подобрување на работењето на самата компанија, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кое е во целосна сопственост на Град Скопје, велат од ЕБОР.
Скопје е еден 20-те градови што се вклучија во Програмата за зелени градови на ЕБОР, под која 15 града веќе работат со одделни индивидуални акциони планови за зелени градови (АПЗГ). Набавката на новите автобуси е почеток на проектот од оваа програма за зелени градови на ЕБОР, во кој Град Скопје планира да се инволвира.