
Европската унија треба итно да започне дипломатска иницијатива за Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty), изјави во петокот во Брисел, Манфред Вебер, еден од кандидатите за иден претседател на Европската комисија од најголемата пратеничка група во Европскиот парламент, на конзервативната Европска народна партија (EPP)
„Неопходна е европска дипломатска иницијатива со Русија со цел да се спречи натамошна ескалација и да се задржат обврските кои произлегуваат од договорот INF“, изјави Вебер. Според него Европа мора да има контрола на своите интереси по безбедносните прашања.
„Европа мора да ја преземе контролата врз своите интереси по безбедносните прашања во регионот и во светот“, додаде Вебер во изјавата на . Според него, „објавата на САД за суспендирање на договорот INF претставува сигнал за будење“.
Министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Валстром изјави дека е загрижена за ситуацијата со контролата врз нуклеарното вооружување по објавата на САД за истапување од договорот.
„Неопходно е да се промени тенденцијата на ослабување на соработката во сферата на вооружувањето и изнаоѓање нови можности за напредок. Да се спречи новата трката во вооружување е заедничка одговорност“, истакнува Валстром во својот твит.
Австриската шефица на дипломатијата, Карин Кнајсл, инаку блиска со рускиот претседател Владимир Путин кој минатото лето беше специјален гостин на нејзината свадба, ги повика Москва и Вашингтон на дијалог за зачувување на договорот.
„Одлуката на САД да излезат од договорот INF предизвикува жалење. Кога договорот беше потпишан во 1987 година, тој го означи големото затоплување во односите меѓу САД и Русија. Тоа беше важен настан на патот кон завршувањето на Студената војна“, вели Кнајсл цитирана од службата за односи со јавноста на министерството за надворешни работи на Австрија.
„Причината поради којашто досега не беа соодветно разјаснети обвинувањата за кршење на договорот е недостигот од заемна доверба. Сега САД и Русија мора повторно да вложат напори. Целта на тој дијалог, безусловно, мора да биде зачувување на INF“, истакнува Кнајсл.
Според неа, објавата на САД дава причина за загриженост од почетокот на нова трка во нуклеарното вооружување и оти може да следат укинувања на други главни договори за ограничување на оружјето.
„Мора да се сочуваат и почитуваат постојните договори. Тие ни даваат безбедност. Повторното распоредување на проектили со среден дострел, по повеќе од 30 години, значително ќе ја зголеми нуклеарната закана во Европа“, додава Кнајсл.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, смета дека светот ќе биде помалку безбеден по американското излегување од договорот INF. „Не ни е потребна дебата за зголемување на оружјето, туку за сеопфатна контрола над вооружувањето“, напиша Маас на Twitter.
Руската дипломатија предупреди на одлуката на САД привремено да го прекине почитувањето на клучниот нуклеарен договор со Русија и тврди дека станува збор за американска стратегија за да се ослободи своите меѓународни обврски.
„Не станува збор за вина на Русија, стратегијата на САД е да се ослободат од своите меѓународно обврски во разни области. Американската страна не предаде никакво доказ, никакви сателитски снимки, нити сведоштва кои би можеле да го докажат наводното руско кршење. Ни кажаа дека немаат прашања кои би ни ги поставиле, дека треба се да уништиме… Во случај навистина да го напуштат договорот, Москва си го задржува правото на соодветна реакција и одговор“, рече за првиот државен телевизиски канал портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова, и истакна дека Русија се согласува дека треба да се разговара за договорот INF.
Претходно во петокот американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео објавија дека САД ќе се повлечат од договорот за нуклеарните проектили склучен во периодот на Студената војна во сабота на 2-ри февруари, доколку Русија, која ја обвинуваат дека наводно го прекршува INF, во рок од шест месеци не преземе мерки за уништување на опремата надвор од договорите.