
Премиерот Зоран Заев утре ќе престојува во Република Бугарија, каде ќе се сретне со бугарскиот премиер Бојко Борисов. На средбата, како што соопштуваат од владината прес-служба, ќе стане збор за развојот на соработката во разни сектори, проекти во областа на инфраструктурата и транспортот, како и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Премиерот Заев ќе ја предводи делегацијата во која ќе бидат и министерот за култура, Асаф Адеми, како и националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски.
Програмата започнува со заедничко положување на венец пред спомен-бистата на Гоце Делчев во градскиот парк „Борисова градина“ по повод 147-годишнината на неговото раѓање. Венците ќе ги положат министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми и министерот за култура на Република Бугарија Боил Баново.
За време на посетата министрите за култура на двете земји, Боил Баново и Асаф Адеми ќе потпишат „Програма за соработка во областа на културата“ меѓу Република Бугарија и Република Македонија.