Очилата на масовниот убиец Тед Банди продадени за 50.000 долари

Зак Беганс (д) со очилата на масовниот убиец Тед Банди (л)

Очилата на Теодор Роберт „Тед“ Банди, кои го користел додека се криел пред правдата, се продадени за 50.000 американски долари во Проколнатиот музеј на сопственикот Зак Беганс во Лас Вегас.

Беганс, ѕвездата на серијалот „Авантури и духови“, има хоби да купува предмети кои им припаѓале на злосторници и криминалци, а ги наоѓа на интернет странции специјализирани за аукции токму на вакви предмети. За таблоид порталот TMZ , Беганс изјавил дека „навистина е неверојатно дека токму низ тие очила очите полни со зло и омраза ги гледале своите жртви, кои не знаеле дека ги очекува вистински пекол.

Тед Банди е американски сериски убиец, силувач, киднапер и некрофил кој нападнал и убил најмалку 30 млади жени, а можеби повеќе во сојузните држави Вашингтон, Орегон, Калифорнија, Јута, Ајдахо, Колорадо и Флорида во периодот од 1974 до 1978 година. По повеќе од една деценија одрекување тој признал 30 убиства, но вистинскиот број сѐ уште не е познат. Постојано патувал сам и долги периоди од неговото време не се познати. Некои докази сугерираат дека почнал да убива и пред 1974 година.

Покрај очилата, купувачот ќе ја добие и оригиналната вреќичка во којашто се наоѓале кога полицајците го запреле Банди и на крајот го уапсиле.

Бизарната колекција на криминалистички предмети на Беганс ги вклучува и болничката облека и забите на Чарсл Менсон, котелот на Ед Гејн во кој ги готвел распарчените делови од телата на своите жртви, како и кампер-комбето на Џек Кевроркјан. Иако станува збор за многу морбидни предмети, овој музеј на ужасот е многу посетен и за изложените предмети има многу заинтересирани посетители.

Новиот експонат во музејот, очилата на Банди, доаѓаат истовремено кога во кино-салите започнува прикажувањето на новиот документарен филм на платформата Netflix, под наслов „The Ted Bundy Tapes“. Поради филмот обожавателите поитаа во куќата во којашто Банди живеел извесен период, во сојузната држава Јута, близу Лас Вегас.