
Лошиот образовен систем во земјава, кој отсликува сериозен недостиг во квалитетот на наставата и компетенциите на наставниците, што пак резултира со сериозни „дупки“ во знаењето на учениците, е критика што се провлекува со години наназад.
Лошите резултати на македонските ученици особено се видливи на меѓународните тестирања. Според овие извештаи, дури повеќе од 50 отсто од учениците во основните и средните училишта не ги развиваат основните компетенции што им се потребни за успешност и напредување понатаму во животот, по завршувањето на образованието.
Деновиве се отворија шпекулации во јавноста дека власта која го укина екстерното тестирање во училиштата, сега ќе наметне ново тестирање.
Сепак, станува збор за меѓународно тестирање ТИМСС, слично како тестирањето ПИСА, која воопшто нема да влијае врз конечниот успехот на учениците. Тестирањето е со цел креирање на политики за унапредување на квалитетот на образовниот систем, врз основа на добиените резултатите од тестирањето.
Преку прашалниците за учениците, наставниците, родители и директорите се добиваат податоци за тоа како училишната клима и култура, наставната практика, целите на наставните програми, социо-економските услови на учениците и училиштата, систематското уредување на образованието и друго влијаат врз постигањата на учениците, велат од МОН.
Од април до мај 2019 година во 150 основни училишта со околу 4000 ученици ќе биде реализирано главното тестирање по што ќе следи опсежен извештај.
ТИМСС (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународна студија по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) која ги мери знаењата и способностите на учениците по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) во IV и во VIII одделение.
Сите земји коишто сакаат и имаат интерес, длабински и суштински да ја проверат подготвеноста и знаењето на учениците врз основа на меѓународно прифатени параметри и критериуми, можат на доброволна основа да се вклучат во некоја од програмите за меѓународни тестирања, како на пример ПИСА или ТИМСС во кои и нашата земја учествува. Резултатите од овие тестирања немаат никакво влијание врз конечниот успех на учениците кои се дел од нив, велат од Министерството за образование.
Македонија до сега има учествувано во три циклуси: TIMSS 1999, TIMSS 2003 и TIMSS 2011 со популација на ученици само од VIII одделение. За прв пат минатата година во TIMSS 2019 се вклучивме да учествуваме со популација на ученици од IV одделение.
Со вклучувањето во оваа меѓународна студија земјите добиваат одговори на важни прашања, поврзани со тоа какво е нивото на постигањата на учениците и каде е местото на земјата во меѓународните рамки, какви се постигањата од другите земји, кои се значајни за нас како информација за тоа како се изведува образовниот процес во земјите во кои се постигаат добри резултати; каков е наставниот процес, подготовката на наставниците и нивниот професионален развој кај нас и споредување со другите држави; какво е институционалното организирање на воспитно-образовната работа на образовните системи различни од нашиот, посочуваат од МОН.
Училиштата кои ќе учествуваат во тестирањето се избрани по случаен избор и веќе се известени за тоа. А, од секое училиште по случаен избор се избрани паралелките кои ќе бидат опфатени со тестирањето.