(ВИДЕО) Грчки здравствен функционер ги отфрла критиките од ЕУ за неговото пушење

Заменикот на грчкиот министер за здравство му порача на европскиот комесар за здравје „да си ја гледа својата работа“, откако овој остро го прекори поради неговото пушење во јавност.

Заменикот министер Павлос Полакис е снимен претходно седмицава во еден клуб со цигара во раката, и како пуши на прес-конференција во 2016 година.

Тоа го предизвика комесарот за здравје на ЕУ, Витенис Андриукаитис, кој престојуваше во Атина на одбележување на светскиот ден на борбата против ракот, да го прекори и притоа да изјави дека таквото однесување е „срамно“.

Полакис, кој е хирург исто како и Андриукаитис, одговори дека има поважни прашање во министерството од пушењето.

„Размислете пред да проговорите“, му порача Полакис преку својот профил на Facebook на Андриукаитис. „Самиот ќе решам кога ќе престанам да пушам“, додава грчкиот министер.

Грција со 37 отсто  ја има најголемата стапка на пушачи во Европската унија, која е 26 проценти. Во земјата е забрането пушењето во затворени простори, како што е клубот во кој Полакис пушел. Функционерот на ЕУ, исто така, рече дека во грчкото министерство за здравство се чувствува чад од цигари.