
Денеска се одржа трет протест против аерозагадувањето, организиран од иницијативата „Канцерогено општество“.
Граѓаните својот револт го изразија со блокирање на булеварот пред Собранието.
Со транспаренти „Дрисла-Чернобил”, „Ставете налепници на тешката индустрија”, „Уште колку можеме да издржиме?” „Да запре труењето на децата”, демонстрантите бараат од властите да ги решат регионалните депонии, да се справат со големите загадувачи и апелираат на заедничко делување со сите еко здруженија и активисти.
Граѓаните на протестот побараа власта да си ја врши работата и да излезе со конкретни мерки против аерозагадувањето, а ги повикуваа граѓаните да се мобилизираат и да се стави крај на овој сериозен проблем со загадувањето на воздухот.
Бараме јавно да се направи контрола на аерозагадувачите и да се измери колку тие го загадуваат воздухот. Не може власта да има свои здруженија и да си седат и да си зборуваат сами на себе. Не може да се занимавате со животна средина, а да немате критика во текот на целата година. Повикуваме на експертски дебати, ама политичарите одбиваат. Сакаме нашите парите да бидат квалитетно трошени, а не да се набавуваат прочистувачи на воздух кои ќе спасат само неколку луѓе, а што е со останатите, посочи еколошкиот активист ТОНИ Никушевски .
Ова се официјалните барања на иницијативата „Канцерогено општество“:
•Веднаш бараме свикување на итна владина седница поради алармантната состојба со квалитетот на воздухот во нашата земја.
• Бараме итно вклучување на експерти(Доктори, Еколози, Еко-активисти и сите кои реално би помогнале за подобрување на состојбата).
• Бараме владата да ги употреби сите потребни средства за справување со овој проблем.
• Бараме вклучување на претставници од граѓанскиот сектор во надлежните контроли за големите загадувачи.
• Како главно барање, владата и институциите да престанат со така наречени решениа кои дирекно удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени.