Заев и Ахмети сѐ уште немаат заеднички кандидат

Претседателите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, на денешната средба се согласија дека сакаат заеднички кандидат за претседателските избори во април, ама сѐ уште го немаат. Заев изјави дека Гордана Силјановска за нив не е прифатив заеднички кандидат.

Заев по средбата изјави дека нема договор за заеднички, консензуален претседателски кандидат, но се согласија дека има основа на изборите да се излезе со таков кандидат.

Партиските консултации ќе продолжат неделава, најави Заев.

На средбата се зборувало за повеќе можни имиња за заеднички претседателски кандидати, но никој засега не открива ниту едно име.

На Заев уште еднаш му беше поставено прашањето дали би се кандидирал.

Знаете дека јас пред сѐ сум економист, ќе се посветам на економијата и на реформите што претстојат, така што засега останувам во извршната власт, рече Заев.

За Силјановска Заев рече дека таа воопшто не е профил за консензуален претседател.

Веднаш ќе кажам не е прифатлива. Таа е надвор од секој можен концепт. Не даде во ниту еден сегмент поддршка на тоа што цел свет и огромното мнозинство граѓани гоподдржуваат. Македонија направи голем чекор напред, отидовме во исполнување на нашите децениски аспирации. Ние денеска сме земја каде што секоја недела се ратификува протоколот за НАТО, ние сме земја која што е преговарач со ЕУ. Таа е надвор од актуелниот концепт на живот, надеж и живеење на огромно мнозинство од граѓаните, изјави Заев по денешната средба со Али Ахмети.

Професорката Гордана Силјановска од саботата и официјално е кандидат за претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ. Таа изјави дека е подготвена да биде и заеднички кандидат доколку нејзиниот профил одговара на СДСМ.