
Британскиот пратеник Иан Остин ја напушти опозициската Лабуристичка партија во петокот, како деветтиот кој тоа го прави оваа седмица, велејќи дека партијата е „разбиена“ и оти е преземена од страна на „екстремната левица“.
Остин додаде дека е запрепастен од постапката кон еврејските пратеници кои заземаа став против антисемитизмот, како и дека „партијата е построга кон луѓето кои се пожалиле на антисемитизмот, отколку оние кои се антисемити“.
„Лабуристичката партија беше мојот живот, и затоа ова беше најтешката одлука којашто ја имам донесено, но морам да бидам искрен, а вистината е дека почнав да се срамам од Лабуристичката партија под Џереми Корбин“, рече Иан Остин во изјавата за весниците Daily Express и Daily Star.
Претходно во понеделникот седум истакнати членови на главната британска опозициска Лабуристичка партија, поднесоа оставка како чин на протест поради начинот на кој Џереми Корбин ја води партијата. Парламентарците го критикуваат партискиот став за британското напуштање на Европската унија и начинот на кој се решава појавата на антисемитизмот во партијата
„Никогаш не би можел да ги повикам граѓаните да го поддржат Џереми Корбин како премиер“, порача денеска Остин.
Корбин, инаку ветеран во залагањата за правата на Палестинците и остар критичар на Израел, е обвинет дека неговите лабуристи го толерираат антисемитизмот меѓу мнозинството свои членови. Минатото лето еврејските весници пишуваа дека Лабуристичката партија би претставувала „егзистенцијална закана за еврејскиот живот во оваа земја“, доколку дојде на власт.
Портпаролот на лабуристите, пак, рече дека партијата жали што Остин одлучил да истапи од нејзините редови.
Потегот на пратениците кои најавија дека во иднина ќе дејствуваат како независни во парламентнт доаѓа само неколку дена откакот британската полиција започна истрага по обвиненијата за антисемитизам во Лабуристичката партија. Обвиненијата за антисемитизам веќе неколку години се присутни во оваа партија, вклучително и против челникот Корбин. Тој, пак, вети дека ќе ја исчисти партијата од антисемитизмот.
Следните општи избори се планирани за 2022 година, но може да се одржат и порани, во зависност од способноста на премиерката да ја води Велика Британија во процесот на нејзиното истапување од Европската унија.