(ВИДЕО) Не остана ништо од домот на Пабло Ескобар

Осумкатната зграда во Меделин, Колумбија, каде едно време живееше наркобосот Пабло Ескобар, беше урната до темел, пренесуваат светските агенции.

Рушењето се случи со контролирана експлозија пред очите на околу 1.600 луѓе. Ваквото решение го донесе градската управа, надевајќи се дека на овој начин ќе се намали интересот кон наркобосот, убиен од полицијата во декември 1993 година.

Зградата, позната како „Монако“, беше симбол на луксузот во кој живеел Ескобар. Се распадна за само 3 секунди, а потоа неколку минути пожарникарите се обидуваа да го исчистат облакот од прашина. Парк од 5.000 квадратни метри ќе биде изграден на истата локација во сеќавање на жртвите на наркотероризмот во Колумбија. Се проценува дека илјадници луѓе се убиени во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, кога војната меѓу наркоклановите беше безмилосна, потсетува Франс прес. Се верува дека Ескобар е одговорен за смртта на околу 6.000 луѓе.

Ескобар беше убиен од полицијата на 44-годишна возраст, кога се обидуваше да избега, по покривите на Меделин.

До неодамна, зградата во која живеел беше посетувана од љубопитни туристи. Претседателот на Колумбија, Иван Дуке, рушењето на зградата го нарече „победа на културата на законитоста и пораз за културата на беззаконието”.