
Претседателот на Собранието Талат Џафери по целодневни консултации со собраниските служби ја закажа седницата на која ќе се одлучува за имунитетот на поранешниот претседател на Собранието и сегашен пратеник Трајко Велјаноски. Седницата започна во недела, во 21:30 часот.
Претходно Џафери рече дека имал дилеми дали воопшто и може да закаже собраниска седница затоа што Комисијата за мандатно имунитетни прашања вчера не усвои конкретен предлог за Собранието.
Во Комисијата гласањето беше изедначено, односно четири гласа беа „за“ и четири „против“. Расправата во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања почна во петокот и до вчера вечерта помина со низа реплики, контрареплики и паузи. Опозицијата обвини дека се работи за политички прогон и предложи колективно на сите да им биде одземен пратеничкиот имунитет, додека парламентарното мнозинство беше со став дека треба да се откријат организаторите на 27 април и да бидат изнесени пред лицето на правдата.
Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељановски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка притвор.