По жолчната расправа дали е прекршен Деловникот, Џафери ја прекина седницата за имунитетот на Велјановски

Беше неизвесно дали спикерот Талат Џафери воопшто ќе ја закаже седницата, на која ќе се разгледува барањето за одземање на имунитетот на Велјановски, поради правните недоречености, откако претходно, во Комисијата за мандатно-имунитетни прашање гласањето беше изедначено, односно четворица пратеници гласаа „за“, а четворица „против“ одземањето на имунитетот.

 

Уште на самиот почеток на пленарната седница, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара точката, на која се разгледува извештајот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, да се тргне од дневниот ред, бидејќи, како што вели, и во самата Комисија пратениците не биле убедени и не зазеле став по барањето, па оттаму и запраша, кога веќе оваа точка дошла на дневен ред зошто постојат комисиите и која е нивната улога, доколку не се почитуваат нивните одлуки. Барањето на Мицевски не доби поддршка кај мнозинството пратеници.

Во расправата на пленарната седница се вклучи и пратеникот Илија Димовски, кој истакна дека е бесмислено да се гласа за извештај на Комисија, во кој се наведува дека Комисијата нема одлука. Според него, на овој начин, освен што се крши Деловникот за работа на Собранието, се крши и собраниската практика, што би довело до далекусежни последици во идното работење на законодавната институција.

Дали кон крајот на седницата, претседателот Џафери ќе каже: Го ставам на гласање фактот дека комисијата не зазема став по барање за одобрување на притвор? Ако се гласа „ЗА“, не знам што значи, а исто не би знаел што ќе значи гласот „против“, потенцираше Димовски.

Веднаш реплицираше пратеникот од мнозинството, Павле Богоевски, кој воедно е и претседател на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, според кого, Димовски најдобро би знаел дека Деловникот не е прекршен, бидејќи самиот учествувал во неговата изработка. Богоевски се повика на членот 54, став 1 од Деловникот кој гласи: Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето. За Богоевски клучен беше терминот „барањето“, истакнувајќи дека во ставот не пишува дека пратениците одлучуваат по „одлуката“ на Комисијата, па оттаму легитимно е разгледувањето на барањето за одземање на имунитетот на Велјановски на пленарна седница.

По ова излагање на Богоевски, реагираше претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој потенцираше дека не е работа на пратениците да го толкуваат Деловникот, туку дека тоа е работа на Законодавно-правната комисија.

Седницата, иако закажано за 21 часот, започна со половина час доцнење, а подолга пауза беше одобрена веќе во 22.30, на барање на пратеничката Елизабета Канческа Милевска, која тврдеше дека немала време да се консултира со колегите-пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, чија координаторка е, за да се усогласат за став за барањето за одземање на имунитетот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Велјановски. Потоа, пауза побара и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, со образложение дека за понатамошната расправа му се неопходни стенограмите од говорите на дел од народните избраници, а Џафери даде само 15 минути слободно време, велејќи дека мора да се запазат роковите за носење одлука – три дена од добивањето на барањето од Судот, односно до недела на полноќ. Координаторот Мицевски се пожали дека му е ускратено правото да побара едночасовна пауза, повикувајќи се на Деловникот.

Барањето за одземањето на имунитетот на Велјановски, беше поднесено од страна на Кривичниот суд, кој пак, го одобри барањето на Основното јавно обвинителство, за определување мерка притвор на поранешниот спикер на Собранието, поради можност од бегство и влијание врз сведоците. ОЈО го сомничи Велјановски за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“, во својство на организатор на настаните од 27 април.