
Министрите за надворешни работи на Кина и Русија во средата остро се спротиставија на секаква воена интервенција против Венецуела, чиј претседател Николас Мадуро САД го повикуваат на оставка.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, којашто социјалистичкиот венецуелски претседател Николас Мадуро го доживува како непријател, смета дека неговиот реизбор минатата година бил нелегитимен. На 23-ти јануари Вашингтон го призна опозицискиот претседател на парламетнтот Хуан Гуаидо кој се самопрогласи за привремен претседедател на Венецуела.
Вашингтон истакна повеќепати дека не отфрла ниедна опција, вклучително и воената. Американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека е сигурен оти „деновите на Мадуро се одброени“.
Додека САД ги засилуваат обидите да се донесе хуманитарна помош во Венецуела која ја одбива Мадуро, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оцени дека станува збор за изговор за воена интервенција
„Работиме со сите земји кои поддеднакво се загрижени од сценариото со воено мешање… Мислам дека САД мора да послушаат што мислат земјите во регионот“, рече Лавров во Вужен, на истокот од Кина, на трилатералната средба планирана од претходно со кинескиот и индискиот колега.
Кина, како и Москва, е загрижена дека опозицискиот режим на Гуаидо нема да ги врати милијардите долари кои ѝ се позајмени или вложени во Венецуела. Пекинг кој традиционално ја поддржува надворешната политика која се заснова на немешање во внатрешните работи на странските држави, се воздржува од учество во оваа политичка криза која ја тресе Венецуела.
„Прашањето на Венецуела е внатрешен проблем на оваа земја“, рече во средата Ванг Ји, кинескиот министер за надворешни работи на коментарите на рускиот колега за можна странска воена интервенција во латиноамериканската земја.
САД оваа седмица ќе побараат Советот за безбедност при Обединетите нации да изгласа резолуција за Венецуела, рече во вторникот американскиот претставник за оваа земја Елиот Абрамс, додека Русија и натаму категорички се противи на секое оспорување на мандатот на Николас Мадуро.