Кривичниот суд демантира: Управата дава целосна поддршка и слобода на вработените да одлучат во каква форма ќе стапат во штрајк

Кривичниот суд ги демантира пишувањата на dosie.mk , а кои ги пренесовме и се однесуваат на последните случувања со покачувањата на платите на судската администрација.

Оттаму велат дека информациите се невистинити и шпекулации кои го нарушуваат угледот, како на судот, така и на самите вработени во институцијата.

Додаваат дека на состанокот помеѓу управата и судските службеници во судот, не само што воопшто не станало збор за било какви закани и казни, туку управата дала целосна поддршка и слобода на сите вработени самите да одлучат дали и во каква форма ќе стапат во штрајк за остварување на нивните права.

Со дозвола на службениците, целиот состанок е аудио снимен и доколку сакате да се уверите во вистината, можете да го преслушате целиот аудио материјал во просториите на судот, велат од Судот.