Со СДСМ Македонија назадува. Првиот месец оваа година со само 1% реализирани капитални инвестиции покажува дека и оваа година нема да нови проекти и раст, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Катастрофално лошото менаџирање со државата се гледа на секое поле. Со оваа власт за првпат во историјата јавниот долг надмина 5 милијарди евра и е над 50% од БДП, со што се загрозува солвентноста на државата. За само две години долгот на државата е зголемен за скоро половина милијарда евра, а во исто време нивото на реализација на капитални проекти е очајно ниско. Каде и на што се потрошија скоро половина милијарда евра? Да монтираа бројчаник како што ветуваа до сега ќе прегореше од галопирачкото задолжување, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека граѓаните се оптоварени со нови милијарди кои треба да ги враќаат наредните години, а притоа не добиваат ништо за возврат.
Нема плата од 500 евра, нема поголеми пензии, нема 600 километри нов автопат, нема ништо од она што го ветуваа. Наместо подобар живот донесоа повисоки даноци, нови проблеми и беспарица. Власта ги зави граѓаните во црно и затоа треба да си замине. Поразот на претседателските избори е првиот показател дека граѓаните не сакаат државата да продолжи да тоне, порачуваат од опозициската партија.