
Во сите овие години наназад, практично од осамостојувањето на нашата земја до денес, Сојузна Република Германија беше една од оние земји кои што без нималку задршка или двоумење, даде огромен придонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество подготвено да стане рамноправен член на евро-атланските асоцијации, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод врачувањето на вредната донација на германското сојузно министерство за внатрешни работи во возила и опрема наменети за потребите на граничната полиција при Бирото за јавна безбедност на МВР на Република Северна Македонија.
Донацијата се состои од 20 возила „дачија дастер“, вредни околу 323.000 евра како и 351 пар чизми. Практично, во рамки на богатата, повеќегодишна билатерална соработка меѓу двете министерства во делот на донациите ова е трета германска донација за потребите на полициските единици при МВР, чија што вкупна вредност ја надминува цифрата од 660.000 евра.