Од следната сезона бод за возачот со наjбрз круг во Ф1

Челниците на Формула 1 подготвени се да го прифатат предлогот од следната сезона, којашто ќе започне со трката за Големата награда на Австралија на 17-ти март, еден бод да му се доделува на возачот кој ќе го извози најбрзиот круг на трката.

Предлогот доаѓа како резултат од анкетата спроведена меѓу љубителите на шампионатот во Формула 1, а кој се чини е прифатлив како за челниците на организацијата, така и за екипите и за возачите, а неговата намера е трките да ги направи уште поинтересни.

Услов за добивање на дополнителниот бод е возачот со најбрз круг да биде меѓу десетте најдобропласирани на крајот од трката. Таквата бодовна симулација, инаку, веќе постоеше во првата деценија од натпреварувањето во Формула 1.

Предлогот сѐ уште ја чека потврдата на неколку тела во рамките на организацијата на Формула 1 и на Меѓународната автомобилска федерација (FIA), но се очекува дека ќе биде прифатен.