Министерот Николовски ги налути сточарите откако им рече дека лажат, па тие ја напуштија трибината во Велес

Трибината на Министерството за земјоделие во Велес била прекината откако министерот Љупчо Николовски им кажал на сточарите од велешко дека лажат, по што тие ја напуштија салата.

Вие дојдовте да слушнете само тоа што Вас ве интересира, не сакате да слушнете се што имаме сработени, колку напори вложуваме да им помогнеме на земјоделците, кои се мерки ги преземаме – изјавил Николовски.

Сточарите претходно во неколку наврати прашаа дали Министерството ќе им помогне околу откупот на јагнето, кој годинава е незначителен и дали ќе ја субвенционира разликата помеѓу откупната цена 120-130 денари до производната 185, колку што пресметало Министерството за земјоделие.

Ние овде прашуваме а одговор не добиваме. Ни кажувате колку работите а откупната цена откако дојдовте на власт изминатите две години е се пониска, претходно беше 150 денари за килограм жива мерка – порачале сточарите.

Ова го налутило Министерот Николовски, кој им рекол ,,лажете, лажете“ по што сточарите кои биле најголем број од присутните во салата ја напуштиле трибината, а Николовски ја прекинал.