Неколку илјади протестираа во Берлин против новиот закон за депортација

Неколку илјади луѓе протестираа во саботата во германската престолнина Берлин против новиот закон за депортација кој го предложи министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер.

Демонстрантите на собирот повикаа на „безбедни засолништа“ за имигрантите и „градови на солидарноста“. На протестот беше најавено учество на 3.000 луѓе, но полицијата според нејзините процени извести дека ги имало помалку, додека организаторите тврдат дека имало 6.000 демонстранти.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој доаѓа од баварската конзервативна Христијанско-социјална унија (CSU), која ја доведе во прашање децениската коалиција со Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел незадоволна од мекиот став кон миграциите, во феврауари предложи нов закон за депортирање на имигрантите кои не ги исполнуваат условите за добивање азил или привремен престој во Германија.

Овој закон, меѓу другото, би вовел „подготвителен притвор“ пред депортирањето за сторителите на кривични дела, осомничените за тероризам и лица со лажен идентитет. Министерот Зехофер сака закаонот да го предложи пред владата подоцна во април.

Организаторите на протестот од движењето Seebruecke (Мост преку морето) ги критикуваа плановите на Зехофер, тврдејќи дека со нив се ограничува владеењето на правото и чесното судење.