
Вкупно три лица се повредени во две одделни сообраќајни несреќи кои се случиле во петокот во скопско Визбегово и во Велес, и притоа во велешкиот инцидент возачот на автомобил кој ја скривил несреќата побегнал од местото на настанот, но набргу бил откриен и приведен, информираат во саботата од Министерството за внатрешни работи.
Две лица се повредени во сообраќајна несреќа којашто се случила во скопското село Визбегово во 13 часот на крстосницата од улиците „Качанички пат“, „2“ и „1506“ меѓу „пежо 206“ управувано од 73-годишниот Ѓ.М. од Скопје и „фолксваген голф“ управуван од 24- годишниот М.Е од Скопје.
Со тешки телесни повреди се здобила 69-годишната Д.М. од Скопје, сопатничка во возилото „пежо“, додека со телесни повреди се здобил 31- годишниот Ш.И од село Визбегово, сопатник во „голфот“. Тие биле пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември“ каде им била укажана лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.
Маж се здобил со тешки телесни повреди при сообраќајна несреќа во Велес која се случила вчера во 10 часот на улицата „Гоце Делчев“ смеѓу патничко возило „ауди А3“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 41-годишниот Н.Т. од Велес и мопед со велешки регистарски ознаки, управуван од 61-годишниот З.М. од Велес.
Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил З.М., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болницата во Велес. По незгодата, возачот на возилото не застанал, но во 14 часот бил пронајден и приведен. Увид на местото извршила екипа од СВР Велес.