
По повод започнувањето на изборната кампања на својот Фејсбук профил се огласи и Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. Вели сега е времето кога треба да се казни оваа тоталитарна власт, Заевизмот кој како канцер го гризе општеството, да се победи ова зло кое ја уништува државата.
Во продолжение Ви го пренесуваме во целост неговиот Фејсбук статус:
Започна изборната кампања. Чувствувам обврска да се обратам до сите оние кои ја живеат неподносливата неправда наметната од власта, до секој еден човек во Македонија кој длабоко во своето срце знае дека не ја бива вака.
Македонија е се што имаме, а овие избори не се обични, тие се избори каде се одлучува за Македонија, а веќе знаете, тие се фалат со Северна, а наша е, и секогаш ќе биде само Македонија, земјата каде се родивме, каде растевме и каде ќе умреме. Ама не е сеедно како ќе го поминеме нашиот пат, зошто тој е единствен, неповторлив. По тоа како врвиме ќе се паметиме. Исправени или со подвиткана кичма. Знам дека власта ќе рече полесно да се подвитка кичмата, да се заобиколат проблемите, но има нешто што се вика углед и чест. А тоа најтешко се стекнува, лесно се губи…
Ние сме ВМРО, тука пораснавме, со оваа организација која ги носи овие 4 свети букви живееме. И на нејзините водачи во минатото би им било најлесно да се повлечат, да си имаат мирен живот, но немало да бидат големи ако не ја понеселе жртвата во даденото време, ако не истапеле, ако не живееле за идеалите, ако толку многу не ја воздигнале идејата за Македонија. А Македонија е нашето СЕ! Сите ние луѓе кои сме членови на партијата, но и оние кои не се, а во своите срца им значат 4-те букви ве повикувам да го дадете максимумот, да ја ширите вистината за Македонија.
Сега е времето кога треба да се казни оваа тоталитарна власт, Заевизмот кој како канцер го гризе општеството, да се победи ова зло кое ја уништува државата. Верувам во вас, и вие да верувајте во себе, слушнете го срцето, слушнете го и разумот, и двете ќе ви покажат дека потребни се промени и правда за Македонија.
На овие избори да ја потврдиме Македонија, да се избориме за неа со ум, со разум и секако со пркост. Да покажеме тврдокорност и жилаво опстојување во она што веруваме, и ќе победиме, за себе, за нашите блиски, за роднините, пријателите, за нашите поколенија! За Македонија, а знаете дека таа е вечна!