Унгарскиот парламент го усвои новиот закон за поттикнување поголемо семејство

Унгарскиот парламент го усвои во понеделникот новиот закон чијашто цел е да се охрабрат повеќе семејства да имаат повеќе деца, нудејќи им бескаматни заеми и даночни поттикнувања.

Во согласност со овие мерки, коишто премиерот Виктор Орбан ги најави во февраури, брачните двојки, под услов жената да има помалку од 40 години, може да добијат бескаматен заем во износ од 10 милиони форинти, односно 31.000 евра. Услов, исто така, е барем еден од сопружниците да е вработен и двајцата да не се кривично евидентирани. Не смеат, покрај тоа, да имаат и даночни долгови.

Отплатата на заемот ќе се одложи на три години по раѓањето на првото дете. По второто дете третината од заемот ќе биде избришена, а целиот ќе биде отпишан по раѓањето на третото дете. Меѓутоа, доколку брачната двојка не добие дете во рок од пет години, ќе мора ретроактивно да ги плати каматите.

На гласањето во понеделникот за овој закон покрај владејачката партија Фидес, беше и мнозинството од унгарската опозиција.

Во текот на најавата на оваа демографска политика во февруари, премиерот Орбан рече дека за решавање на намалената стапка на наталитетот во Унгарија не се имигрантите, туку оти траба да се убедат граѓаните да имаат повеќе деца. Унгарската стапка на наталитетот во 2016 година изнесувала 1,45 деца по брачна двојка.