
Напаѓачот Мауро Икарди се најде во составот на тимот на Интер за натпреварот од 30. коло на италијанскиот шампионат против Џенова и ќе го почне мечот од првата минута, објавил тренерот на „неро-азурите“ Лучијано Спалети.
– Утре Мауро ќе биде на теренот од самиот почеток. Тој покажа вистинска реакција, нешто поважно од физичката страна на нештата. Ќе видиме колку долго ќе може да остане на теренот и дали ќе треба да го заменам, изјави Спалети на прес-конференција.
Поради несогласување со раководството на клубот, Икарди не беше во тимот повеќе од еден месец. Последен пат влезе во игра на 9 февруари.
Исто така, Аргентинецот беше лишен од капитенската лента.
И покрај тоа, Икарди и понатаму останува најдобриот стрелец на Интер оваа сезона со 15 голови.