
Пронајдени се телата на четворицата патници од малиот авион „цесна” што попладнево се урна кај Солунска Глава. Загинатите се татко, мајка и две деца, државјани на Бугарија. Авионот полетал од Охрид за Софија.
Поради лошите временски услови вечерва е прекината потрагата по остатоците од авионот „цесна“ П210Н со германски регистрации (D-EUIB). Потрагата ќе продолжи утре.
Неофицијално, загинати се Бошнаков Ангелов Георги (1970), Бошнакова Георгиева Гергана (2005), Бошнакова Георгиева Билјана (2000) и Корнајева Цонева Калина (1972).
„Малиот авион попладнево беше изгубен од радарскиот систем се урнал кај Солунска Глава, каде и исчезнал од системот. Остатоците од авионот се лоцирани, како и телата на четирите патници“, информираат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Остатоците од авионот ги лоцирале хеликоптери и спасувачки екипи од МВР.
Авионот во 16,16 часот бил изгубен од радарскиот систем на контролата за летање. Контактот бил изгубен западно од Солунска Глава. Поради лошите временски услови пилотот одлучил да слета во Скопје, а по кратко време побарал дозвола да продолжи за Софија. Пилотот пријавил дека има силни турбуленции.
Од Охрид авионот полетал без никакви проблеми.