Силјановска: Далеку е европското сонце со селективна правда

Безнадежната, бескрајната транзиција мора да заврши и да почнеме ние со демократска консолидација, а тоа значи стабилни институции, процес на одлучување внатре во Парламентот, во Владата, а не надвор во некои неформални тела, бидејќи таа постапка е без процедура, не е процедура притисок, политички пазар, закани, а со тоа ние овие две ипол години постојано се соочуваме.

Ова го истакна кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на митингот од, како што кажа таа, една од нареволуционерните општини во Скопје и Македонија, Ѓорче Петров.

-Мора да ставиме крај на овие претседателски избори, или да не дозволиме да се концентрира власта на едно место, во една партија, во две партии, во неколку партии, оти тоа се заканува да прерасне од тиранија на мнозинството парламентарно, да прерасне не само во авторитарен, туку во тоталитарен систем во кој што еден човек ќе рече држава- тоа сум јас, Македонија- тоа сум јас, но не е тој Македонија, туку вие сте Македонија, ние сме Македонија.

Силјановска меѓу другото кажа и дека ЕУ и НАТО се стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ.

-Далеку е европското сонце, ако овде истовремено имате селективна правда, реваншизам, ако само луѓето од опозицијата се пред судовите, ако не се гледаат пораките за економијата, ако има криминали, тогаш тоа не е европска слика, тоа е балканска слика која што мора да се смени од луѓе со европски дух и идеали, а тие се не реал-политиката, туку право и правда.