Грабливци го чуваат Кремљ

Алфа кружи над златните куполи на Кремљ и сее паника меѓу враните на блиските стебла, а овој јастреб е еден од неколкуте грабливци од својот сој кои го штитат седиштето на руската власт.

Спротивно од името, Алфа е женка и заедно со нејзината „колешка“ бувот Фиља ги растерува враните кои знаат да се соберат во една од градините во внатрешноста на ѕидините на Кремљ од црвена ѕигла.

„Целта ни е да ги преплашиме враните за да не се одомаќат таму и да подигнат гнезда“, вели во репортажата на AFP, 28-годишниот Алексеј Васов, еден од соколарите во орнитолошката служба на Кремљ.

Оваа специјална птичја единица е основана во 1984 година и се состои од јастреби, бувови и соколи. Формално тие се дел од сојузната служба со заштита. Нивната задача е да го штитат Кремљ, една од најстарите европски средновековни тврдини која била и е седиште на руските цареви, советските челници и руските претседатели.

Враните може да пренесат низа болести кои може да бидат потенцијално опасни за луѓето и со гребењето или со нивниот измет да ги оштетат златните куполи, појаснува Власов. Додава и дека враните може да бидат и „проблематични и агресивни“ во однос на луѓето.

Птиците како што се враните, гавраните или гулабите, може да предизвикаат проблеми во руската престолнина со уништување на пространите цветни насади или засипување на историските зданија со измет. На чуварите на Кремљ полесно им е да ги избркаат, отколку да чистат по нив.

На почетоците од советското владеење, чуварите умееле и да запукаат на враните, но Ленин ја прекинал таа практика поради „трошење на драгоцената муниција“. Потоа Кремљ извесно време се обидувал да ги растера враните со снимени звуци од птици грабливци. Меѓутоа, паметните врани не наседнале на тоа и немало друго решение туку да се формира „летачката единица“.

„Сите наши птици имаат различна метода на ловење. Алфа е спринтерка, јастребите се брзи на куси оддалечености и враните против неа немаат шанси“, вели Власов.

Бувот Фиља лови ноќе во целосна тишина и самото нејзино присуство е доволно предупредување за враните да преноќат на друго место, вели нејзиниот тренер Денис Согодин.