Ќе се менуваат правилата за субвенционирање на странските туристи

Во пресрет на туристичката сезона тур оператори се незадоволни од правилникот за исплата на субвенциите. За нив нелогично за туристите кои престојуваат во хотели од висока категорија да важат истите правила како за оние кои престојуваат во приватно сместување.

Останува на државата обврска во однос на измената на законот за субвенционирање. Сегашниот закон не е функционален во однос на сумите кои се даваат за туристите. Мислам дека во идниа треба да има некоја измена со цел подобрување на начинот на субвенционирање и подобар успех на тур операторите за да си ги добијат, рече Челик Асим, тур-оператор од Охрид.

Директорот на Агенцијата за подршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски вели дека заедно со туристичкиот сектор ќе се разговара за нов начин на субвенционирање. Плаќањето да се врши по категоризација, да се зголеми просечниот престој во државата од 3 на 4 ноќевања како и плаќањето да е различно за сезона и вон сезона. Вели и дека во 2018 година биле исплатени за 33 отсто повеќе субвенции од претходната година. Тврди дека имале буџетски средства за исплата на сите барања.

Во 2018 година се исплатени заостанати субвенции за 2016 и 2017 година. Би рекол дека 2019 година редовно се исплаќаат субвенциите. Секако со сегментот на изборите тие ќе отпочнат дополнително да бидат исплаќани по завршувањето на изборите. Ние исплативме заостанати субвенции за одреден тур оператори за 2016 и 2017 од кого имавме обжалување и судски спорови, рече Љупчо Јаневски-директор на Агенција за подршка и промоција на туризам.

Инаку, според  „Евростат“ Македонија минатата година бележи највисоко ниво на зголемување на вкупниот број ноќевања во Европа за 22,1 отсто. Јаневски рече дека е добро што има  раст и на госитте од соседство. На туристите од Албанија за 30 проценти, а од Бугарија и Србија за 25 проценти. Најмногу субвенции по турист се дава за посетителите од земјите на Бенелукс, или по 65 евра.