Почина Мира Марковиќ, вдовицата на Слободан Милошевиќ

Вдовицата на некогашениот претседател на Србија и СР Југославија Слободан Милошевиќ, Мира Марковиќ починала во неделата во Русија во 77-та година од животот, објавија белградските медиуми, а веста за смртта ја потврдил семејниот пријател и поранешен главен уредник на весникот Политика, Драган Хаџи Антиќ.

Според првичните информации, Мира Марковиќ починала во една болница во Сочи, а веста за смртта ја јавил репортерот на Вечерњи Новост, кој во црноморското одморалиште престојувал на меѓународната конференција Атомекспо. Веста за регионалната ТВ N1, пак, ја потврдил и споменатиот Хаџи Антиќ.

Мирјана Марковиќ ја напушти Србија во 2003 година и замина во Русија каде што имаше статус на политички бегалец. Во 2010 година доби азил, бидејќи ја бараше српското правосудство. По неа беше распишана потерница во рамки на истрагата за злоупотреби при доделување на државни станови во 2000 година.

Мирјана Марковиќ и нејзиниот сопруг Слободан Милошевиќ неофицијално беа доведувани во врска и со убиството на познатиот белградски новинар и сопственик на весниците Дневни телеграф и Европљанин, Славко Чурувија, кој беше нивен отворен противник. Четворица осомничени за ова убиство неодамна беа осудени на вкупно 100 години затвор, но политичката заднина на убиството не беше откриена.

Минатиот месец Апелциониот суд во Белград ја укина пресудата со која по 19 година беше осудена на една година затвор поради злоупотреба на службената положба во 2000 година при доделувањето на државните станови.

Мирјана Марковиќ е родена на 10-ти октомври 1942 година во Пожаревац, а студирала социлогија во Белград, каде што и докторирла, а беше професорка по социологија на Природно-математичкиот факултет во Белград. Социологија предаваше и како редовна професорка на Американско-францускиот универзитет за менаџмент во Белград и на Факултет за меѓународен менаџмент во Белград. Покрај тоа, беше и редовен член на Руската академија на општествените науки, визитинг професор на Московскиот државен универзитет Ломоносов и почесен професор на Универзитетот Ломоносов во Москва.

Објавила околу сто трудови од областа на социологијата, како и два учебника од социолошка тематика. Делата и се преведени на повеќе јазици, во прв ред англиски, грчки, руски и кинески.

Во текот на 1990-те години ја основа партијата Југословенска левица (ЈУЛ) и беше прва потпретседателка на оваа партија која ја сочинуваа 23 левичарски и комунистички партии. До октомври 2000 година нејзината партија беше главниот коалициски партнер на Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Милошевиќ.