За победа во прв круг потребни 904.066 гласови, во вториот 723.253

На шестите претседателски избори право на глас имаат 1.808.131 избирач, кои можат да изберат меѓу тројца кандидати, по првиот круг во неделата победник може да биде кандидатот кој ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.

Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5-ти мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, со петгодишен мандат. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу двапати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија.

За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години. Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.