
Кинеската полиција открила и разбила синџир на фалсификатори на познатите лего коцки и запленила играчки во вредност од околу 30 милиони американски долари, објавија властите во Шангај.
Полицијата во вторникот извршила претреси во просториите на „Lepin“, кинескиот производител на играчки чие седиште е во Шензен, на југот од Кина, кој произведувал лажни лего коцки и притоа уапсила четири лица, соопшти во петокот шангајската полиција.
Според соопштението, шангајската полиција уште ланскиот октомври открила дека коцките кои ги продава „Lepin“ многу се слични на оние на „Lego“. Играчките коишто се произведувале во Шензен биле пресликани од нацртите на „Lego“ и се продавале низ целата земја. Во повеќе од десет производни погони запленети се околу 630.000 играчки, коишто чинат околу 30 милиоми долари, соопшти шангајската полиција.
Фалсификатите се чести на пазарот кој сака да произведе многу евтини производи, па така помал комплет коцки на „Lepin“ од темата „City“ се продава за само 3 долара, а почетната цена на таквите коцкички на „Lego“ е 15 долари. „Lego“ во февруари го отвори главното продажно место во Пекинг каде што нуди реплики на тамошната историска знаменитост Забраетиот град и две продавници во Шангај.